Смртоносни топлотни бранови ги вжештија градовите на четири континенти додека северната хемисфера го одбележa почетокот на летото, знак дека климатските промени може повторно да придонесат да се поттикне рекордна горештина која може да го надмине минатото лето како најтопло во последните 2.000 години. Се претпоставува дека рекордно високите температури во последните денови предизвикаа стотици, ако не и илјадници смртни случаи низ Азија и Европа.
Во Саудиска Арабија, речиси два милиона муслимански аџии го завршуваат аџилакот во Големата џамија во Мека оваа недела. Но, стотици луѓе загинаа за време на патувањето на температури над 51 Целзиусов степен. Земјите околу Медитеранот, исто така, преживеаја уште една недела на високи температури што предизвикаа шумски пожари од Португалија до Грција и долж северниот брег на Африка во Алжир.
Во Србија, метеоролозите прогнозираат температури од околу 40 степени за оваа недела поради ветровите од Северна Африка. Здравствените власти прогласија црвен метеоролошки аларм и ги советуваа луѓето да не излегуваат на отворено. Белградската служба за итни случаи соопшти дека лекарите интервенирале 109 пати во текот на ноќта кај луѓе со срцеви и хронични здравствени состојби. Во Црна Гора, каде што здравствените власти, исто така, ги предупредија луѓето да останат под сенка до доцните попладневни часови, десетици илјади туристи бараа освежување на плажите долж јадранскиот брег.
Европа оваа година се бори со низа мртви и исчезнати туристи поради опасните горештини.
Њујорк отвори центри за ладење во библиотеки, центри за постари и други објекти. Додека училиштата во градот работеа нормално, голем број области во околните предградија ги испратија учениците дома порано за да ја избегнат жештината.
Летниот период во Индија трае од март до мај, кога монсуните почнуваат полека да ја зафаќаат земјата и да ја прекинат жештината.
Но, Њу Делхи во средата ја забележа најтоплата ноќ во последните 55 години, при што индиската опсерваторија Сафдарјунг објави температура од 35,2 Целзиусови во 1 часот по полноќ. Министерство за здравство објави дека се сомневаат на повеќе од 40.000 случаи на топлотен удар и имаат најмалку 110 потврдени смртни случаи помеѓу 1 март и 18 јуни.
Температурите вообичаено паѓаат ноќе, но научниците велат дека климатските промени предизвикуваат пораст на ноќните температури. Во многу делови на светот, ноќите се затоплуваат побрзо од деновите, според студијата од 2020 на Универзитетот во Ексетер.
Сепак, тешко е да се добие точен биланс на жртви од топлотните бранови. Повеќето здравствени власти не ги припишуваат смртните случаи на топлина, туку на болести влошени од високите температури, како што се кардиоваскуларните проблеми. Според тоа, властите ги превидуваат смртните случаи поврзани со топлина со значителна разлика – од илјадници, ако не и десетици илјади смртни случаи.
Светската метеоролошка организација вели дека има 86 отсто шанси една од следните пет години да ја засени 2023 година и да стане најтоплата досега. Додека вкупните глобални температури се зголемија за скоро 1,3 степени, климатските промени поттикнуваат поекстремни температурни врвови – што ги прави топлотните бранови почести, поинтензивни и подолготрајни. Научниците велат дека топлотните бранови ќе продолжат да се интензивираат ако светот продолжи да ослободува емисии кои ја затоплуваат климата од согорувањето на фосилните горива.