Една петина од децата во Газа сега се неухранети, изјави Филипе Лазарини, шефот на Агенцијата за помош на палестинските бегалци на Обединетите нации (УНРВА).
„Најголемиот дел од децата видени од УНРВА се исцрпени, слаби и во висок ризик од умирање ако наскоро не го добијат потребниот третман. Родителите се премногу гладни за да се грижат за своите деца. Оваа криза што се продлабочува ги погодува сите“, кажа Лазарини.
Бројот на починати од глад во Газа од почетокот на војната пораснал на 113, од кои 81 дете. Околу 260.000 деца на возраст до пет години имаат потреба од исхрана.
Локалните организации предупредуваат дека гладуваат и новинарите и хуманитарните работници во Газа.
„Тие преживуваат со еден оброк на ден, често само леќа“, рече Лазарини.
Тој вели дека УНРВА има храна и медицински залихи за 6.000 камиони, што чекаат во Египет и Јордан и го повика Израел да обезбеди неограничена и непрекината испорака на хуманитарна помош во Газа.
Израел негира дека неговите политики предизвикуваат масовен глад во Газа, додека се соочува со голем меѓународен притисок да склучи договор со Хамас. Хуманитарните групи велат дека нема недостиг од храна, туку Израел ја попречува помошта и практички оневозможува таа да стигне до милиони луѓе на кои очајно им е потребна.