ЕДНА ЖЕНА ЗАГИНА ОТКАКО ПРОТРАМПОВСКА ТОЛПА УПАДНА ВО КОНГРЕСОТ ДА ГО СПРЕЧИ ФОРМАЛИЗИРАЊЕТО НА ПОБЕДАТА НА БАЈДЕН

    ЕДНА ЖЕНА ЗАГИНА ОТКАКО ПРОТРАМПОВСКА ТОЛПА УПАДНА ВО КОНГРЕСОТ ДА ГО СПРЕЧИ ФОРМАЛИЗИРАЊЕТО НА ПОБЕДАТА НА БАЈДЕНСенаторите и конгресмените, како и потпретседателот Мајк Пенс беа евакуирани откако приврзаници на Трамп упаднаа во Конгресот. (Фото: Гети)

    Американскиот Конгрес продолжи со работа откако полицијата ги избрка приврзаниците на претседателот Доналд Трамп, но една жена почина при упадот во зградата, додека Сенатот и Претставничкиот дом заседаваа за церемонијата на формализирање на резултатите од претседателските избори во ноември, на кои победи Џо Бајден.

    Некаде околу 13 часот по локално време, неколку стотици приврзаници на Трамп ги пробија полициските барикади околу Конгресот и влегоа во зградата. Сенаторите и конгресмените, како и потпретседателот Мајк Пенс беа евакуирани, а демонстрантите, кои претходно присуствуваа на митинг на Трамп пред Белата куќа, се шетаа и се фотографираа низ салите и канцелариите.

    Околу 15 часот, пред главната врата на конгресната сала беше застрелана неидентификувана жена во вратот, кој подоцна почина. Повредени се и неколку полицајци, а најмалку еден е хоспитализиран.

    Полицијата употреби и чадни бомби да ги истера демонстрантите од зградата и тоа им успеа околу 17 часот, по што демонстрантите беа отстранети и од околината на Конгресот. Во 18 часот почна полицискиот час, кој ќе трае до 6 часот наутро. Двата дома на Конгресот продолжија со работа во 20 часот по локално време.

    Потпретседателот Мајк Пенс, кој претседава со Сенатот, рече дека оние кои предизвикаа хаос во зградата на Конгресот денеска не победија.

    „Насилството никогаш не победува. Слободата победува и ова сè уште е куќа на народот. Како што се собравме повторно, светот повторно ќе биде сведок на отпорноста и силата на демократија дури и кога е соочена со насилство и вандализам без преседан. Избраните претставници на народот на САД се собраа повторно“, кажа Пенс.

    По него се обрати лидерот на Републиканците во Сенатот Мич Мекконел, кој кажа дека американскиот Конгрес се соочил со многу поголеми закани од пореметената толпа денеска.

    „Се обидоа да ја нарушат нашата демократија. Не успеаја. Ќе го завршиме она што го почнавме. Ќе го комплетираме процесот на вистинскиот начин, според правилата. Ќе го потврдиме победникот на претседателските избори“, рече Мекконел.

    Трамп, на вчерашниот митинг пред Белата куќа, ги повтори неговите тврдења дека му била украдена победата на претседателските избори. За време на упадот во Конгресот, Трамп објави кусо видео на социјалните мрежи во кое им се обрати на демонстрантите, им рече дека ги сака и дека се „многу специјални“, но дека треба да си одат дома.

    Видеото набрзо беше избришано од социјалните мрежи, а Фејсбук, Твитер и Инстаграм ги суспендираа неговите профили, поради, како што кажаа компаниите, поттикнување насилство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира