Експертска група за човекови права на Обединетите нации вели дека постојат разумни основи да се верува дека САД извршиле воени злосторства во два напада во Иран, во кои загинаа најмалку 177 цивили. Во нов извештај на Независната меѓународна мисија за утврдување факти за Иран се вели дека ракетните напади во февруари врз основно училиште во Минаб и спортски комплекс во Ламерд претставуваат неселективни напади што предизвикале цивилни жртви и штета на цивилната инфраструктура.
САД претходно негираа дека го нападнале Ламерд и рекоа дека истражуваат што се случило во Минаб.
Експертите, исто така, утврдиле дека иранските власти извршиле злосторства против човештвото при крвавото задушување на масовните антивладини протести во јануари. Според активистите за човекови права, тогаш биле убиени повеќе од 7.000 луѓе.
На 28 февруари, кога САД и Израел ја започнаа војната против Иран, ракети „томахавк“ го погодија основното училиште во јужниот град Минаб, при што, според локалните власти, загинаа најмалку 156 луѓе, меѓу кои 120 деца. Експертите од мисијата рекоа дека училиштето се наоѓа во непосредна близина на поморскиот комплекс на Иранската револуционерна гарда, но е јасно препознатливо и нема информации дека се користело за воени цели.
Американската војска сè уште ги нема објавено наодите од истрагата за нападот кај Минаб, но министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека таа „никогаш не би гаѓала цивилни цели“.
Во нападот врз Ламерд загинале најмалку 21 цивил, од кои седум деца, според локалните власти. Експертите од мисијата истакнаа дека и погодениот спортски комплекс бил јасно препознатлив и немало информации што би укажувале дека се користел за воени цели.
Американската војска соопшти дека тој ден не извршила напади врз Ламерд и ги оспори извештаите во кои употребеното оружје се идентификува како „ракети за прецизни удари“.
„Во двата инцидента има разумни основи да се верува дека САД извршиле воено злосторство со извршување неселективен напад што резултирал со губење животи или повреди на цивили или оштетување на цивилни објекти“, соопшти мисијата на ОН.



