Најмалку четири луѓе загинале, а 40 се водат како исчезнати откако експлозија уништи дел од стамбена зграда во рускиот град Магнитогорск. Властите велат дека експлозијата најверојатно е предизвикана од протекување на гас.
Претседателот Владимир Путин пристигна во градот за да ја набљудува ситуацијата.
Зградата била дом на 120 луѓе, а во експлозијата се уништени 48 станови. Спасувачките екипи се во трка со времето, бидејќи се очекува температурите во овој индустриски град да се спуштат до -23 Целзиусови степени во новогодишната ноќ. Тие стравуваат дека се мали шансите некој да биде извлечен жив од урнатините.
Руската телевизија „Вести њуз“ објави дека во моментот на несреќата, во урнатиот дел имало до 70 луѓе, при што најмалку 16 се евакуирани, а четири се во болница.
Експлозијата се случила во утрински часови по локално време и се верува дека до неа дошло на првиот спрат, каде што се наоѓаат деловни простории.