Во центарот на Атина, во близина на канцелариите на грчката железничка компанија „Хеленик Трејн“, доцна во петокот одекна експлозија. Снимките од безбедносните камери го фатија моментот кога експлодираше ранец, оставен пред деловниот блок.
Полицијата соопшти дека пред нападот имало анонимни повици до грчките медиуми со предупредување. Експлозијата се случила во близина на една од најпрометните сообраќајници во главниот град, Леофорос Андреа Сигру. Нема информации за жртви или повредени.
Грчкиот министер за транспорт, Христос Стаикурас, го осуди инцидентот како „криминален акт“ што ги „загрозил животите на луѓето“.
Локалните медиуми, кои примиле предупредувачки повици, објавија дека експлозивната направа најверојатно била ставена во ранец со катанец, кој бил оставен од скутер без регистарски таблички. Полициската единица за деактивирање бомби пристигнала предоцна за безбедно да ја детонира направата.
„Ова е криминален акт што ги загрози животите на луѓето, вработените и минувачите, во централна точка на Атина и за време на сообраќаен шпиц“, изјави министерот Стаикурас.
„Ништо не го оправдува тероризмот, ниту еден чин на насилство не носи правда. Сега на потег се властите и судството“, додаде тој.
Од „Хеленик Трејн“ потврдија дека нема повредени вработени или граѓани и дека експлозијата предизвикала „ограничена материјална штета“. Форензичките екипи беа фотографирани како собираат докази во близина на местото на експлозијата.