Детонацијата што утрово се случи во подземната железница во југозападниот дел на Лондон била предизвикана од импровизирана експлозивна направа, објави Скотланд Јард, со што чинот и официјално почна да се води како терористички напад.
Помошник-командирот Марк Роули изјави дека стотици детективи и агенти на МИ5 се ангажирани на случајот.
„На станицата Парсонс Грин дојде до експлозија во возот. Тоа беше детонација на импровизирана експлозивна направа. Ова сега се третира како терористички напад“, изјави Роули.
Во експлозијата нема загинати, но 22 лица биле примени во болница, главно, поради изгореници.
Полицијата соопшти дека е се уште рано да се потврди што е причината за пожарот во возот, што се движеше кон исток. Првичните фотографии покажаа како кеса од супермаркет гори во бела корпа.
Нападот го осуди и претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Уште еден напад во Лондон од терорист-лузер. Тоа се болни луѓе“, напиша Трамп на Твитер.
Експлозијата се случи во моментите кога лондонското метро е вообичаено полно со патници.