Германската авиокомпанија Ер Берлин беше принудена да откаже над 100 летови, откако невообичаено голем број пилоти пријавиле дека се болни, што, всушност, се верува дека е штрајк поради можното намалување на бројот на вработени во банкротираниот авиопревозник.
Скриениот штрајк веќе се почувствува и во Скопје. Редовната линија на австриската Аустриан ерлајнс од Виена за Скопје летово најчесто се одржува со авиони најмени заедно сосе летачкиот екипаж од Ер Берлин. Пладневниот лет за Виена од Скопје денеска доцнеше безмалку 4 часа, поради пореметувањето на редот на летање низ цела Европа што ја предизвика оваа ненадејна болест на пилотите.
Проблемите ги надминуваат рамките на самата компанија, бидејќи со најмени авиони сосе екипажи, освен Аустриан, лета и нискобуџетната компанија од групацијата на Луфтханза, Еуровингс. Групацијата Луфтханза чија членка е и Аустриан, во моментов оперира со 42 авиони и екипажи кои ги опслужуваат, токму од банкротираната компнаија
Компанијата, која прогласи банкрот минатиот месец по години работа со загуба, преговара за трансфер на својот персонал кај потенцијален нов сопственик. Понудите треба да бидат доставени до петок, а одлуката за продажба треба да биде објавена најрано идната недела.
Ер Берлин на својот сајт објасни дека постојат „оперативни причини“ за откажување на летовите, но бидејќи веќе не нуди компензација на патници, тие ќе бидат принудени да букираат нов лет на свој трошок.
„Околу 250 пилоти во краток период пријавија дека се болни, што е рамно на играње со оган. Тоа би можело да ја чини компанијата неколку милиони евра. Компанијата беше принудена да откаже 110 од предвидените 750 летови во вторник, со што беа оштетени околу 2.200 патници“, изјави извршниот директор на Ер Берлин, Томас Винкелман.
Ер Берлин направи загуба од 782 милиони евра во 2016 година. Истовремено, Етихад ерлајнс од Обединетите Арапски Емирати, кој поседува 30% од акциите на германската компанија, соопшти дека веќе нема да вложува во неа, откако во април се обиде да ја спаси со 250 милиони евра.