Реџеп Таип Ердоган е на добар пат да освои нов петгодишен претседателски мандат, бидејќи се наоѓа во убедливо водство по повеќе од две третини преброени гласови, објавија државните медиуми.
Ердоган, можеби, ќе ја однесе победата уште во првиот круг, откако досега му припаднаа 56% гласови, додека најголемиот конкурент Муарем Инџе има 29%. Од вториот круг нема да има потреба доколку Ердоган освои повеќе од 50% гласови.
Државните медиуми соопштија дека излезноста на изборите била голема и се движи околу 87%.
Паралелно со претседателските, во Турција се одржаа и парламентарните избори и агенцијата „Анадолу“ објави дека потребниот праг од десет отсто го поминала и прокурдската партија ХДП. Тоа би можело да го загрози мнозинството на Партијата на правда и развој (АКП) на Ердоган, но затоа медиумите известуваат за одличниот резултат на неговиот сојузник, Националистичко движење, која, исто така, освои повеќе од десет отсто гласови.
Пред да стане претседател во 2014, Ердоган 11 години беше премиер на Турција, а во новиот мандат, со уставните промени, ќе добие уште поголема моќ.