Од Турците ќе се бара главно да седат дома, бидејќи земјата в четврток ќе влезе во нов целосен карантин, што ќе трае до 17 мај, со цел да се сопре ширењето на коронавирусот, објави претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Турција регистрираше 37.312 нови случаи на зараза и 353 починати од ковид-19 во последните 24 часа, што претставува значителен пад во споредба со средина на месецот, но сѐ уште е доста високо во светски рамки.
Ердоган кажа дека за патувања меѓу градови ќе биде потребна посебна дозвола, сите училишта се префрлуваат на онлајн настава и ќе се ограничи бројот на корисници на јавен превоз. Турците ќе треба да останат дома, освен за одење до продавица и лекар.
„Во време кога Европа повторно се отвора, ние мора итно да го намалиме бројот на новозаразени под 5.000. Во спротивно, ќе платиме висока цена во сите области, од туризам до трговија и образование“, изјави Ердоган.
Пред две недели, Турција воведе полициски час од 19 до пет часот, како и целосен карантин за викенди, но овие мерки се покажаа недоволни.