Косовската полиција и припадниците на КФОР употребија солзавци и шок-бомби за да ги растераат Србите кои протестираат за да ги спречат новоизбраните албански градоначалници да ја преземат должноста во четирите општини со мнозинско српско население. Тие беа избрани на неодамнешните локални избори, на кои што излегоа само 1.500 избирачи бидејќи Србите го испочитуваа повикот за бојкот.
Српските медиуми објавија дека има и повредени во денешните нереди, во кои што демонстрантите возвраќаат со фрлање шишиња и камења. КФОР тргна во акција со цел да се поместат две возила со косовски специјалци, кои беа опколени од граѓаните. Според последните информации, граѓаните се разотидоа во Зубин Поток и Лепосавиќ, додека ситуацијата во Звечан и натаму е напната.
Војниците на КФОР формираа безбедносни коридори околу општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, откако полицијата се судри со демонстрантите, а српскиот претседател Александар Вучиќ ја подигна борбената готовност на војската на највисоко ниво.
Игор Шимиќ, заменик-шефот на партијата Српска листа, го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека ги подгрева тензиите на северот.
„Ние и Албанците кои живеат таму сме заинтересирани за мир, само Курти сака хаос“, кажа Шимиќ.