Володимир Зеленски го претстави својот план за победа пред Европска Унија и НАТО, добивајќи ветувања за континуирана поддршка, но не и одобрување за неговиот повик Украина веднаш да добие покана за членство во западната воена алијанса. Зеленски кажа дека поддржувачите на Украина ќе направат голема грешка и ќе ѝ дадат сила на Русија ако не застанат зад неговиот план, кој содржи пет точки, меѓу кои и напади врз Русија со проектили со долг дострел.
Тој го посети Брисел во клучно време за одбраната на Украина од руската инвазија, при што им кажа на лидерите на ЕУ дека неговиот план ќе му зададе решавачки удар на Владимир Путин.
„Путин мора да ја почитува нашата сила, а не слободниот свет да се тресе од неговите закани“, рече Зеленски.
Во седиштето на НАТО, генералниот секретар Марк Руте го уверуваше Зеленски дека Украина ќе ѝ се придружи на западната алијанса, но не кажа дека моментално ќе добие покана.
„Украина ќе биде во НАТО. Додека не се случи тоа, ќе се погрижиме Украина да има се што е потребно за да надвладее. Можете да сметате на тоа дека нема да го изгубиме единството. Тоа е мојата порака и до Владимир Путин“, изјави Руте.
Зеленски ги откри деталите од својот план додека руските сили напредуваат на источниот фронт и владее голема неизвесност во пресрет на претседателските избори во САД.
Путин претходно кажа дека можноста Украина да стане членка на НАТО е една од причините за инвазијата. Зеленски смета дека членството во НАТО би била јасна порака за Русија дека не може да победи. Во исто време, НАТО вели дека Украина не може да се придружи додека трае војната зашто тоа би ја вовлекло алијансата директно во војната со Русија. САД и Германија се особено претпазливи по ова прашање.