Европската Унија ќе ја отвори својата огромна економија за земјите кои чекаат да станат членки под услов да се согласат да застанат на страната на блокот против непријателските држави и индустриските соперници, според нацрт-предлогот на Европската комисија што го доби „Политико“.
На земјите-кандидатки, од кои некои чекаат со децении да станат членки на ЕУ. ќе им биде понудена невидена постепена интеграција во единствениот пазар, вклучувајќи трговија без трикови и пристап до истражувачки програми, според нацрт-планот.
„Единствениот пазар е прв приоритет за економска конвергенција. Пораната интеграција би отворила можности за бизниси во Унијата, би ги зајакнала европските вредносни синџири и би ги намалила стратешките зависности. Комисијата ќе утврди каде потврдената усогласеност со регулативата и капацитетот за спроведување овозможуваат подлабоко учество во истражувањето, иновациите и во индустриската соработка, како и поширок пристап до пазарот“, се вели во нацрт-планот за придобивките што ќе им се понудат на земјите-кандидатки.
Ваквиот план, предводен од Александр Адам, висок советник на Урсула фон дер Лајен, целосно би го изменил пристапот на ЕУ кон земјите од нејзиното соседство. Во моментов, речиси сите економски придобивки се резервирани за земјите-членки, а ниту една нова држава не се приклучила кон Унијата по Хрватска во 2013 година.
Како дел од пакетот мерки на Адам, на Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора ќе им бидат понудени патокази, дизајнирани да го забрзаат процесот на нивното пристапување во наредните години. Кај други земји, како што се Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, процесот се одолговлекува, што предизвикува сè поголеми стравувања дека тие би можеле да го загубат интересот или да се свртат кон Русија или Кина.
Според планот на Комисијата, економските придобивки понудени на земјите-кандидати ќе зависат од нивната поддршка за надворешнополитичките цели на ЕУ, а пристапот до единствениот пазар ќе биде условен со тоа тие да не споделуваат клучни технологии со непријателски настроени држави и трговски ривали.
Фон дер Лајен денеска пристигнува во Албанија на разговори, а како дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан ќе ги посети и Косово и Македонија.



