Германскиот канцелар Фридрих Мерц смета дека Европската Унија треба да усвои нова динамика на приемот на нови членки зашто процесот на пристапување трае предолго. Тој испрати писмо до шефот на Европскиот совет, Антонио Коста, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и до Никос Христодулидес, претседателот на Кипар, кој моментално е претседавач на ЕУ, во кое исто така предложи Украина да добие статус на придружна членка, што сега не постои во блокот.
„Проширувањето на Европската Унија е геополитичка неопходност, но и процес што трае премногу долго“, вели Мерц во писмото.
Тој смета дека Западен Балкан и Молдавија би дошле поблиску до ЕУ ако процесот на нивното пристапување се забрза.
„Европската Унија треба цврсто да стои на своето ветување дека земјите од Западен Балкан и Молдавија можат да се приклучат кон блокот. Предлагам да разгледаме иновативни решенија за оние земји-кандидатки кои веќе долго време се подготвуваат за своето пристапување, како и да го забрзаме нивниот процес на пристапување. Заедно со колегите, ќе продолжам да работам на ова“, нашиша Мерц во писмото.
Како чекори на приближување на овие земји кон ЕУ тој предлага привилегиран пристап до внатрешниот пазар и поблиски врски со европските институции во секојдневниот процес на донесување одлуки.
„Постепената интеграција би можела да биде основа за целосна примена на соодветните области на политиката, а потоа да биде придружена со зголемена поддршка во процесот на спроведување на нашите закони, прописи, права и обврски. Сето ова би можело значително да ги приближи земјите-кандидатки до нас и со тоа да предизвика нова амбиција за понатамошни реформи потребни за постигнување полноправно членство“, кажа Мерц.



