Европратениците постигнаа договор за забрана за продажба на нови бензински и дизелски возила во Европската Унија по 2035 година. Тоа е првиот договор од пакетот за намалување на штетните емисии за 55% до крајот на деценијата.
Според овој договор, автокомпаниите ќе мора да ги намалат штетните емисии од новите автомобили за 55% до 2030, пред да се постигне целосното намалување до 2035.
Според податоците на ЕУ, превозот е единствениот сектор во кој емисиите на стакленичките гасови се зголемиле во изминатите три децении, и тоа за 33,5% од 1990 година наваму. Патничките возила се голем загадувач и на нив отпаѓаат 61% од вкупните емисии на јаглероден диоксид од копнениот сообраќај.
ЕУ сака драстично да ги намали штетните емисии од превозот до 2050 и ги промовира електричните возила, но интерна анализа од минатата година покажа дека во регионот нема доволно станици за полнење.
„Ова е историска одлука бидејќи за првпат се поставува јасен пат кон декарбонизација, со одредени цели за 2025, 2030 и 2035 година. Крајната цел е климатска неутралност до 2050 година“, изјави Паскал Канфан, шефот на комитетот за животна средина во Европскиот парламент.