Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го обвини Владимир Путин дека не е заинтересиран за мир во Украина и дека Русија само купува време во разговорите со САД.
„Европа мора да го засили притисокот врз Русија со нови санкции, особено врз нејзината продажба на енергенси. Повторно гледавме големи руски напади во изминатите денови. Тие зборуваат погласно од зборовите за мир што ги слушаме веќе долго време. Путин очигледно сака да добие на време и не е навистина заинтересиран за мир“, изјави Писториус пред денешниот состанок на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Брисел.
По вчерашниот телефонски разговор со Путин, Доналд Трамп објави дека Русија и Украина веднаш ќе почнат со преговори за примирје, додека Москва кажа дека за тоа ќе треба време.
„Москва и Киев се соочуваат со сложени контакти за да создадат унифициран текст на меморандум за мир и прекин на огнот. Нема рокови и не може да има. Јасно е дека сите сакаат да го направат тоа што е можно побрзо, но ѓаволот е во деталите“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Откако Трамп вчера ги информирал европските лидери за разговорот со Путин, тие одлучиле да го зголемат притисокот врз Русија со нови санкции. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро го обвини Путин за дволичност.
„Верувам дека кога Владимир Путин продолжи со својот лицемерен јазик, сите сфатија дека тој ќе продолжи со својата колонијална војна, ако не ставиме крај на тоа“, рече Баро.
Еврокомесарката за надворешни прашања Каја Калас го повика Трамп да се приклучи кон ваквиот притисок врз Русија, но тој вчера кажа дека САД засега не планираат да воведат нови санкции. Главната мета на новите европски санкции е руската флота во сенка која се состои од 200 бродови, кажа Калас.