Францускиот претседател Емануел Макрон денеска кажа дека ЕУ можеби треба да еволуира кон унија со различни брзини, додека размислува како да ги интегрира Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан.
Макрон вели дека ЕУ треба да се реформира ако сака да се прошири со нови земји и мора да изгради консензус меѓу повеќе од 30 земји.
„Ризик е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформа. Можам да посведочам дека доволно е тешко за Европа да напредува на чувствителните теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки, нема да биде полесно“, кажа Макрон на годишниот собир на француските амбасадори во Париз.
„Потребна ни е храброст да прифатиме поголема интеграција во некои области и можеби дури и Европа со различни брзини“, додаде тој.
Макрон не објасни во детали како мисли дека ќе функционира Европа со различни брзини, но рече дека е потребен ремонт на процедурите на ЕУ за да се одржи нејзината привлечност.
Според неколку француски функционери, владата на Макрон работи на неколку предлози за Европа со различни брзини, при што би биле формирани неформални групи на земји членки кои би работеле на конкретни области.
Макрон најави и дека ќе ги каже своите ставови за проширувањето на ЕУ во наредните неколку месеци, пред изборите за европскиот парламент.
Денеска на форум во Блед, Словенија, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека ЕУ ќе биде подготвена на да прими нови членки до 2030 година.
„За да бидеме кредибилни, верувам дека мораме да зборуваме за тајминг и домашна работа. Како што се подготвуваме за следната стратешка агенда на ЕУ, мораме да поставиме јасна цел. Јас верувам дека мораме да бидеме подготвени, и двете страни, да се прошириме до 2030 година“, кажа Мишел.