ЕУ ВЕЛИ ДЕКА СЕ ПРОТИВИ НА АМЕРИКАНСКИОТ МИРОВЕН ПЛАН ОД 28 ТОЧКИ ШТО ЌЕ ЈА ПРИНУДИ УКРАИНА НА ОТСТАПКИ

    ЕУ ВЕЛИ ДЕКА СЕ ПРОТИВИ НА АМЕРИКАНСКИОТ МИРОВЕН ПЛАН ОД 28 ТОЧКИ ШТО ЌЕ ЈА ПРИНУДИ УКРАИНА НА ОТСТАПКИОд Брисел потврдија дека не биле вклучени во подготовката на новиот мировен план (Фото: ЕУ)

    Европската Унија се противи на планот од 28 точки за завршување на војната во Украина, кој наводно бил изработен зад затворени врати од САД и Русија и бара Киев и европските лидери да бидат вклучени во преговорите.

    Планот, за кој прв извести американскиот сајт „Аксиос“, вклучува услови што би биле многу неповолни за Украина, како целосно предавање на Донбас (Доњецк и Луганск) и ограничувања на вооружените сили.

    Она што ние како Европејци отсекогаш сме го поддржувале е долготраен и праведен мир и ги поздравуваме сите напори за постигнување на тоа. Секако, за да функционира кој било план, потребни ви се Украинците и Европејците. Ова е многу јасно. Владимир Путин би можел веднаш да ја заврши оваа војна ако само престане да бомбардира цивили и да убива луѓе, но не видовме никакви отстапки од руската страна“, изјави еврокомесарката за надворешни работи Каја Калас.

    Таа додаде дека не е запозната дека Европа била вклучена во подготовката на новиот мировен план, што беше потврдено и од холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вел.

    Не, ние не сме биле вклучени во планот. Не знам дали Украина била вклучена. Но, каков и да е мировен план на маса, Украина треба да стои зад него. Без согласност од Украина, нема да ја добиете поддршката од Европејците“, кажа Ван Вел.

    САД и Русија досега не го потврдија постоењето на планот, кој предвидувал Украина да ѝ го предаде на Москва делот од источна Украина што моментално не го контролира, во замена за американска безбедносна гаранција за Украина и Европа од идна руска агресија, објави „Аксиос“.

    Два добро упатени извора изјавија за „Ројтерс“ дека САД му најавиле на Володимир Зеленски дека Украина мора да прифати американска нацрт-рамка за крај на војната со Русија, според која Киев мора да предаде територија и некои оружја и да ја намали својата војска за половина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира