Патнички авион на „Делта ерлајнс“ се запали во понеделникот на пистата на меѓународниот аеродром во Орландо, Флорида, принудувајќи ги патниците да се евакуираат преку тобоганите за итни случаи, соопшти американската Федерална управа за авијација (ФАА).
Инцидентот се случил околу 11:15 часот по локално време кога летот 1213 на „Делта“, кој требало да полета за Атланта, се подготвувал за поаѓање од гејтот. Според ФАА, во тој момент се запалил еден од моторите на авионот.
Првичните извештаи укажуваат дека нема повредени во инцидентот.
Портпарол на аеродромот во Орландо потврди дека пожарот е изгаснат и дека противпожарните екипи се на терен.
Од „Делта“ соопштија дека во авионот „Ербас 330“ имало 282 патници, 10 членови на екипажот и двајца пилоти. Евакуацијата била наредена откако бил забележан пламен во издувната цевка на еден од двата главни мотори на леталото.
Патниците се вратени во терминалната зграда, а авиокомпанијата најави дека ќе обезбеди дополнителни авиони за да ги превезе до нивните крајни дестинации.
ФАА најави истрага за инцидентот, а „Делта“ соопшти дека нивните тимови за одржување ќе го прегледаат авионот.
Овој инцидент е последен во низата проблеми со авиони на „Делта“ во последните месеци. Во февруари, 21 лице беше повредено кога авион на „Делта“ се преврте при слетување во зимски услови на аеродромот Пирсон во Торонто. Во јануари, неколку лица беа повредени откако лет на „Делта“ го прекина полетувањето на аеродромот Хартсфилд-Џексон во Атланта, принудувајќи околу 200 патници да се евакуираат преку тобоганите за итни случаи.