ЕВАКУИРАН ХОТЕЛ ВО ИСТАНБУЛ ПО СМРТТА НА ЧЕТИРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО ОД ХАМБУРГ, ДОСЕГА УАПСЕНИ ОСУМ ЛИЦА

    ЕВАКУИРАН ХОТЕЛ ВО ИСТАНБУЛ ПО СМРТТА НА ЧЕТИРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО ОД ХАМБУРГ, ДОСЕГА УАПСЕНИ ОСУМ ЛИЦАПричината за смртта засеге не е потврдена (Фото: ДХА)

    Почина и таткото од семејството од Хамбург, чии сопруга и две деца починаа минатата недела додека биле на одмор во Истанбул. Хотел во населбата Фатих е евакуиран поради можно труење, објавија локалните медиуми, откако уште двајца туристи кои престојувале во него биле превезени во болница во саботата поради мачнина и повраќање.

    Таткото од семејството со турско потекло починал денеска по неколку дена на интензивна нега, изјави регионалниот шеф за здравство Абдула Емре Гунер.

    Иако главниот фокус досега беше на труењето со храна, истражителите откриле дека соба на приземјето на хотелот неодамна била испрскана со хемикалии, веројатно пестициди, објави весникот „Хуриет“. Полицијата привела три лица од хотелот.

    Турските медиуми објавија дека е уапсен и пекар кој работел во близина на хотелот, со што досега се приведени осум лица во врска со смртните случаи.

    Еден од сопствениците на хотелот изјави дека во него нема ресторан и дека на гостите им се остава само вода.

    Семејството од Хамбург се разболело на 12 ноември откако јадело полнети школки од уличен продавач и супа и кукурек од друга продавница, според весникот „Сабах“. На враќање кон нивниот хотел купиле турски локум и вода, а агенцијата „Анадолу“ објави дека семејството јадело и пилешко.

    Децата на возраст од три и шест години биле хоспитализирани минатата среда поради мачнина и повраќање, но набргу биле пуштени. Сите четворица членови на семејството повторно завршиле во болница истиот ден вечерта откако се влошила состојбата на децата. Тие потоа починале, заедно со мајката.

    Лабораториските резултати сè уште се чекаат, според „Анадолу“, откако првичниот извештај од обдукцијата дал малку значајни информации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира