Милиони луѓе низ Европа од денеска ќе можат да уживаат во послободен живот додека земјите ги ублажуваат строгите рестриктивни мерки воведени пред неколку недели поради кризата со коронавирусот.
На Французите по осум недели нема да им треба дозвола за излегување од дома, се отвораат основните училишта и некои дуќани, вклучувајќи ги фризерските салони. Баровите, рестораните, кината и театрите засега остануваат затворени.
Мадрид и Барселона остануваат во карантин додека во остатокот од Шпанија на луѓето ќе им биде дозволено да се среќаваат во кафулиња и ресторани на отворено.
Повеќето бизниси, но не и угостителските објекти, се отвораат и во Белгија, со почитување на мерката на социјално дистанцирање.
Во Швајцарија се отвораат основните училишта со редуцирани класови, додека рестораните, книжарниците и музеите ќе можат да работат со одредени ограничувања.
Данска го прави следниот чекор во олеснувањето на мерките, па од денеска ги отвора и трговските центри, додека во Полска почнуваат да работат хотелите, иако странските туристи прво ќе мора да одат во 14-дневен карантин.
Во Европа досега има над 1,5 милиони заразени со коронавирус, при што бројката од 200.000 ја надминаа Шпанија, Велика Британија, Италија и Русија.