Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ја критикуваше европската неактивност во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека континентот изгледа изгубено и останува заробен во бесконечно повторување на неуспехот да се одбрани или решително да ја поддржи Украина.
„Сите се сеќаваме на одличниот американски филм ‘Денот на мрмотот‘, но никој не би сакал да живее така. А, сепак, токму така живееме сега“, кажа Зеленски.
Тој изрази фрустрација од одговорот на Европа на кризата околу Гренланд.
„Ако испратите 14 или 40 војници на Гренланд, за што служи тоа? Каква порака испраќа? Која е пораката до Путин и Кина? И уште поважно, каква порака испраќа до Данска, вашиот близок сојузник? Четириесет војници нема да заштитат ништо“, рече Зеленски.
Додаде дека поминала една година од неговиот последен говор во Давос, во кој предупреди дека Европа треба да научи да се брани, но ништо не се променило.
„Сите го насочија вниманието кон Гренланд и јасно е дека повеќето лидери едноставно не се сигурни што да прават во врска со тоа. И се чини дека сите чекаат Америка да се олади. Но, што ако не се случи тоа?“, порача тој.
Зеленски го критикуваше и фрагментираниот одговор на Европа на глобалните предизвици, изјавувајќи дека континентот „сè уште изгледа повеќе како географија, историја и традиција, а не како голема политичка сила“.
„Европа изгледа изгубено обидувајќи се да го убеди американскиот претседател да се промени. Но, тој нема да се промени. Претседателот Трамп вели дека ја сака Европа, но нема да ја послуша оваа Европа“, вели Зеленски.
Тој изрази фрустрација поради неподготвеноста на западот да ја снабди Украина со напредни оружја.
„Денес руските ракети се насочени кон Украина. Утре може да биде која било земја од НАТО“.



