Езерото Монбел во југозападна Франција е повеќе од 80 отсто празно, чамците на локалните едриличарски клубови се заглавени на суво. Во северна Италија, туристите можат да пешачат до малиот остров Сан Бјаџо, до каде што вообичаено се стигнува само со брод. Ваквите сцени се ретки во средина на летото, а на почетокот на март се без преседан.
На Алпите има 63 отсто помалку снег од вообичаено. Во Германија, плитките води на Рајна веќе го нарушуваат речниот сообраќај и бродовите се товарат до половина од капацитетот. Во Каталонија, сега е суша веќе трета година по ред и градските власти во Барселона престанаа да ги наводнуваат парковите.
По најсушното лето во последните 500 години, поголем дел од Европа е погоден од зимска суша предизвикана од климатските промени и тоа предизвикува голема загриженост кај владите поради недостигот на вода за домовите, земјоделците и за фабриките ширум континентот.
Студија објавена во јануари од Универзитетот Грац, чии што научници користеа сателитски снимки за да ги анализираат резервите на вода, заклучи дека во Европа владее суша уште од 2018 година и дека ситуацијата сега е многу неизвесна.
Торстен Мајер-Гир, еден од научниците, кажа: „Никогаш не би помислил дека водата ќе биде проблем овде во Европа, посебно во Германија и Австрија. Ние всушност веќе имаме проблеми со снабдувањето со вода тука. Мораме да размислиме околу ова“.
Според друга студија, сушата на северната хемисфера сега е барем 20 пати поверојатно поради климатските промени предизвикани од човекот.
Андреа Торети, научник од Европската опсерваторија за суши, вели: „Она што е необично е честото повторување на овие настани, бидејќи веќе поминавме низ суша лани и низ уште една во 2018 година. Очигледно, во делови од Европа, недостигот на дожд и снег е толку голем што нема да биде лесно нивото на водата да се врати пред почетокот на летото“.
Експертите велат дека претстојните месеци ќе бидат клучни.