Велика Британија, Европска Унија и нејзините партнери, што ги вклучува и балканските земји, се согласиле на заеднички план за вакцинација против ковид-19, кој треба да опфати најмалку 40% од населението, објави „Дојче веле“. Ова е двојно повеќе од целта што ја постави Светската здравствена организација, која предвидува во прва фаза да бидат вакцинирани 20% од најранливите категории на светското население.
„Опфатот на познатите ризични групи ќе достигне околу 40% од населението, во зависност од ситуацијата и демографијата на државите“, се вели во документот на ЕУ усвоен на крајот на јули, кој во приоритетната група става 200 милиони жители.
Освен хронично болните и постарите лица и здравствените работници, во оваа група се вклучени и вработените во критичните јавни сектори, како образование и јавен превоз. Целта на планот е да се постигне таканаречениот имунитет на стадо во ЕУ, што ќе се овозможи со натамошна вакцинација.
Планот на ЕУ може да ги загрози плановите на СЗО за рамномерна распределба на вакцините во светот, бидејќи на прво место го става европското население.