Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација ги обвинуваат Европската Унија и миграцијата за „неизбежно целосно културно пропаѓање во Европа“. Експлозивното тврдење е изнесено во Стратегијата за национална безбедност на САД, во која се наведува дека Европа има економски проблеми, но тие се „засенети од реалната и остра перспектива за цивилизациско бришење во следните 20 години“.
„Поголемите проблеми со кои се соочува Европа вклучуваат активности на Европската Унија и други транснационални тела кои ги поткопуваат политичката слобода и суверенитетот, миграциски политики кои го трансформираат континентот и создаваат конфликти, цензура на слободата на говорот, потиснување на политичката опозиција, пад на наталитетот и губење на националниот идентитет и самодовербата“, се вели во документот од 33 страници.
Новата безбедносна стратегија нуди јасна идеолошка усогласеност помеѓу популистичкото движење МАГА на Трамп и европските националистички партии. Администрацијата на Трамп притоа навестува дека би можела да им помогне на идеолошки блиските европски партии.
„Америка ги охрабрува своите политички сојузници во Европа да го промовираат ова оживување на духот, а растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за голем оптимизам“, се наведува во стратегијата.
Владата на Трамп, сепак, признава дека Европа останува стратешки и културно витална за САД“.
Документот ја повторува расистичката теорија на заговор за „голема замена“, според која елитите планираат да ја намалат гласачката моќ на белите Европејци со зголемување на имиграција од Африка, поточно од муслиманските земји.
„На долг рок, повеќе од веројатно е дека најдоцна за неколку децении, одредени членки на НАТО ќе станат мнозински неевропски“, се наведува во документот.
Се споменува и војната во Украина, при што се нагласува дека е во интерес на Америка војната да престане и да се врати стратешката стабилност со Русија.



