ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ОСВЕН ОРБАН ГО ПОДДРЖАА ЗЕЛЕНСКИ ПО КАРАНИЦАТА СО ТРАМП

    ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ОСВЕН ОРБАН ГО ПОДДРЖАА ЗЕЛЕНСКИ ПО КАРАНИЦАТА СО ТРАМПДоналд Трамп и потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, разменија жестоки зборови со Володимир Зеленски на средбата во Белата куќа, каде што вчера требаше да се потпише договор за ретки минерали. (Фото: АП)

    Европските лидери здружено му дадоа поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски откако американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс го нападнаа за време на средбата во Белата куќа во Вашингтон.

    Комесарката за надворешна политика на Европската комисија Каја Калас рече: „Денеска стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. Останува на нас, Европејците, да го прифатиме предизвикот“.

    Францускиот претседател Емануел Макрон вели дека Русија е агресорот, а Украина е жртва.

    „Имаме агресор, а тоа е Русија, и имаме луѓе кои претрпеа агресија, а тоа е Украина. Мораме да ги почитуваме оние кои се борат од почетокот бидејќи се борат за своите достоинство, независност, за нивните деца и за безбедноста на Европа“, кажа Макрон, отфрлајќи ги обидите на Трамп двете страни во конфликтот да ги претстави како еднакви.

    Макрон потоа кажа и дека ако некој си игра во Трета светска војна, тоа е Владимир Путин, коментирајќи ја изјавата на Трамп дека Зеленски ризикува Трета светска војна.

    Следниот германски канцелар Фридрих Мерц на „Икс“ напиша: „Драг Володимир“ и му вети дека ќе стои со Украина во „добри и лоши времиња“.

    Полскиот премиер Доналд Туск му испрати порака на Зеленски: „Драги украински пријатели, не сте сами“, додека од канцеларијата на шведскиот премиер Улф Кристерсон му пишаа на украинскиот претседател: „Вие се борите не само за својата слобода, туку и за цела Европа“.

    Слични пораки за поддршка испратија Чешка, Шпанија, Летонија и Литванија.

    Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека неговата земја ја поддржува Украина: „Нивната борба е наша борба“, додека холандскиот министер за надворешни работи Каспар Фелдкамп ја потврди поддршката за Украина и рече дека таа ќе продолжи „колку што треба, сè додека е потребна“.

    Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги повика Европејците да не дозволат да се отворат длабоки поделби со Вашингтон и повика на итен самит ЕУ-САД.

    Портпаролот на британскиот премиер Кеир Стармер рече дека Британија останува посветена на „непоколебливата поддршка“ за Украина

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан зазеде поинаков став, заблагодарувајќи му се на Трамп за „храброто залагање за мир“.

    „Силните луѓе носат мир, слабите луѓе носат војна“, напиша тој на „Икс“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира