Европската агенција за лекови ќе одржи состанок на 29 декември, за да одлучи дали има доволно податоци за безбедноста и ефективноста на вакцината против ковид-19, што заеднички ја развија „Фајзер“ и „БиоНТек“. Што се однесува до вакцината на „Модерна“, нејзина можна употреба ќе биде одобрена најрано на 12 јануари.
Германската фармацевтска компанија „БиоНТек“ и нејзиниот американски партнер денеска кажаа дека побарале забрзано, условно одобрување за нивната вакцина против ковид-19, што следува ден откако и нивниот ривал „Модерна“ го побарал истото од американските и европските регулатори.
Од „БиоНТек“ велат дека ако добијат одобрение за вакцината, нејзината употреба во Европа би можела да почне уште на крајот на 2020.
„Европските регулатори веќе почнаа да ја анализираат вакцината на ‘Модерна‘, засновано врз лабораториските податоци што претходно ги достави компанијата. Ако врз основа на нив се заклучи дека вакцината е доволно квалитетна, ефективна и безбедна, таа би можела да биде одобрена на 12 јануари“, соопшти Европската агенција за лекови.