Европските сојузници на Украина упатија внимателно формулирано предупредување до Доналд Трамп поради неговата млака поддршка за Киев, поддржувајќи го неговиот повик за прекин на борбите, но отфрлија секаков предлог за територијални отстапки кон Русија.
Во заедничка изјава потпишана од Володимир Зеленски, Кир Стармер, Фридрих Мерц, Емануел Макрон, Џорџа Мелони, Урсула фон дер Лајен и други европски лидери, групата кажа дека е обединета во желбата за праведен и траен мир.
„Силно ја поддржуваме позицијата на претседателот Трамп дека борбите треба веднаш да престанат. Сегашната линија на контакт би можела да послужи како почетна точка за преговори, но меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила“, соопштија тие.
По средбата со Зеленски во Белата куќа во петокот, Трамп повика на прекин на огнот на сегашната линија на фронтот, но негираше дека ја притискал Украина да ѝ го отстапи целиот регион Донбас на Русија.
Изјавата следува два дена пред клучен состанок на Европскиот совет, на кој лидерите ќе дебатираат за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина и за заострување на санкциите кон Москва. Зеленски и членовите на таканаречената Коалиција на волните потоа треба да се соберат в петок во Лондон за да координираат натамошна воена и финансиска поддршка.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја отфрли идејата за запирање на конфликтот на сегашната линија на фронтот.
„Москва е заинтересирана само за долгорочен, одржлив мир“, рече Лавров.
Подготовките за самитот Путин-Трамп во Будимпешта наидоа на проблеми откако беше откажана средбата помеѓу Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, планирана за четврток. Сергеј Рјабков, заменикот на Лавров, изјави дека е прерано да се каже кога тие ќе се сретнат. Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, објави на Фејсбук дека „нè очекуваат сериозни денови“.
Европските сојузници на Украина се загрижени дека Трамп по вторпат би можел да се сретне со Путин без да добие сериозни отстапки од него. Путин го отфрли неговиот повик за прекин на огнот кога се сретнаа на Алјаска во август.