Доналд Трамп изјави дека ФБИ упаднал во неговиот дом во Флорида и провалил во сеф. Тој кажа дека имотот во Мар-а-Лаго во Палм Бич бил окупиран од голема група агенти на ФБИ.
Американските медиуми објавија дека претресот е поврзан со истрагата за ракување со службени документи, што Трамп можеби ги однесол од Белата куќа во Мар-а-Лаго. Неговата адвокатка Кристина Боб изјави дека некои документи биле запленети.
Драматичната ескалација на истрагата против Трамп следува додека тој се подготвува за можна трета номинација за претседател на САД во 2024.
„Ова се мрачни времиња за нашата нација. Соработував со сите релевантни владини агенции, па затоа ненајавениот упад во мојот дом беше непотребен и несоодветен. Ова вооружување на правосудниот систем има за цел да ме спречи повторно да се кандидирам за претседател. Ваков напад би можел да се случи само во скршени земји од трет свет. За жал, Америка стана една од тие држави“, кажа Трамп.
Според „Си-Би-Ес њуз“, Трамп бил во Њујорк во времето на претресот.
„Од Мар-а-Лаго се однесени неколку кутии, но не е вистина дека била скршена врата“, кажа извор од истрагата.
Во февруари, Националниот архив на САД побара од министерството за правда да го истражи Трамп за неговото ракување со службени документи, при што официјални лица кажаа дека тој незаконски искинал некои документи.