ФБИ врши претрес во домот на американскиот претседател Џо Бајден во Делавер во рамките на истрагата за доверливи документи, изјави неговиот адвокат.
„Претресот беше планиран и претседателот ја даде својата полна поддршка. Затоа и немаше потреба од налог за претрес, ниту пак јавноста претходно беше известена“, кажа адвокатот Боб Бауер.
Си-Би-Ес објави дека ова е дел од поширока истрага за ракувањето со доверливи документи. ФБИ не го коментираше претресот. Истрагата ќе ја води специјалниот советник Роберт Хур и тој оваа недела треба да почне со работа.
Ова е последниот во серија претреси што беа спроведени на неколку локации, откако во изминатите два месеца беа пронајдени доверливи документи во центарот „Пен Бајден“ во Вашингтон и во гаражата од домот на Бајден во Делавер. Бајден кажа дека целосно соработува со истрагата.