Агентите на ФБИ заплениле високо доверливи документи од имотот на Доналд Трамп во Флорида оваа недела, стои во налогот за претрес, одобрен лично од јавниот обвинител Мерик Гарланд. Министерството за правда објави дека биле однесени 11 комплети на документи, од кои некои ја носат специјалната ознака со која се означува материјал кој може да предизвика исклучителна штета за националната безбедност на САД.
Трамп негира дека сторил нешто незаконски и тврди дека документите веќе не биле доверливи. Ова е првпат во американската историја да биде извршен претрес во домот на поранешен претседател во рамките на кривична истрага.
Листата запленети предмети стана јавна откако судијата вчера отпечати документ со седум страници, кој го содржи и налогот за претрес на домот на Трамп во Мар-а-Лаго. Оттаму се однесени 20 кутии, кои вклучуваат фотографии, рачно напишана белешка, неодредена информација за претседателот на Франција и писмо за помилување. Меѓу запленетите документи има и тајни и доверливи материјали.
Налогот за претрес сугерира дека агентите на ФБИ барале можно прекршување на Законот за шпионажа, според кој е незаконски да се поседуваат или пренесуваат информации потенцијално опасни по националната безбедност. Тој бил одобрен од судијата на 5 август, три дена пред да биде спроведен од ФБИ.
Канцеларијата на Трамп синоќа соопшти дека тој ги искористил своите овластувања додека беше претседател за да ги декласифицира документите.
„Тој има важечки налог дека документите отстранети од Белата куќа и пренесени во неговата резиденција во Флорида се сметаат за декласифицирани“, стои во соопштението.
Правните експерти велат дека е нејасно дали ова објаснување ќе помине на суд.