Американските власти предупредија дека голема и софистицирана хакерска кампања откриена оваа недела претставува огромна закана за владата, критичната инфраструктура и приватниот сектор. Кампањата погодила високи федерални институции, вклучувајќи министерства, како и агенцијата одговорна за националните залихи на нуклеарно оружје.
Агенцијата за сајбербезбедност и безбедност на инфраструктурата (ЦИСА) кажа дека спречувањето на нападот ќе биде многу сложена и предизвикувачка операција. Многумина се сомневаат дека зад нападот стои руската влада, но оттаму го демантираат тоа.
„Владини агенции, организации од приватниот сектор и тела од критичната инфраструктура биле цел на постојана напредна закана, што почнала најрано во март 2020. Тие што стојат зад хакирањето демонстрирале трпение, оперативна безбедност и комплексна умешност во тие пробиви“, соопшти ЦИСА.
Таа не прецизираше кој стои зад нападот и колкави се вистинските размери на хакирањето. Агенцијата „Ројтерс“ објави дека и „Мајкрософт“ бил хакиран, додавајќи дека постојат сомнежи дека станува збор за руска кампања.
Неколку владини агенции пријавија дека биле нападнати во оваа кампања, која се опишува како значајна и постојана.