Европските лидери ја номинираа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за втор петгодишен мандат, естонската премиерка Каја Калас е изборот за нова еврокомесарка за надворешни прашања, а бившиот португалски премиер Антонио Кошта треба да биде нов шеф на Европскиот совет. Сите тројца доаѓаат од центристичките блокови во ЕУ и за нивниот избор ќе се гласа во Европскиот парламент следниот месец.
Овие имиња беа утврдени минатата недела од шестчлена преговарачка група во состав Кирјакос Мицотакис, Доналд Туск, Педро Санчес, Емануел Макрон, Олаф Шолц и Марк Руте. Во неа немаше место за италијанската премиерка Џорџа Мелони, иако нејзиниот десничарски блок Европски конзервативци и реформисти стана третата најголема група во Европскиот парламент по последните европски избори. На крајот, Мелони гласаше воздржано за Фон дер Лајен и беше против Кошта и Калас.
„Ова трио ќе биде одличен тим“, изјави Калас, по која Русија има распишано потерница.
Покрај Мелони, и Виктор Орбан изрази незадоволство од начинот на кој се избираат челниците на ЕУ, па тој гласаше против Фон дер Лајен, а воздражно за Калас.
Гласањето во Европскиот парламент ќе се случи најрано на 18 јули и дури и од партијата на Фон дер Лајен признаваат дека ќе биде неизвесно.