Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска предложи план од 800 милијарди евра за зајакнување на одбраната на Европската Унија, со цел да се намали влијанието од можното раздвојување од САД и да се подобри воената позиција на Украина пред разговорите со Русија. Фон дер Лајен кажа дека огромниот пакет наречен „REARM Europe“ ќе биде претставен пред лидерите на 27-те членки на ЕУ на средбата во Брисел в четврток.
Средбата беше закажана поради сѐ поголемата неизвесност околу идната американска поддршка за Европа, откако Доналд Трамп ги доведе во прашање сојузот со Европа и одбраната на Украина.
„Не мора да опишувам колку е опасна заканата со која се соочуваме“, рече Фон дер Лајен.
Таа кажа дека првата задача е да се олабават фискалните ограничувања што ЕУ ги става на буџетските трошоци за да можат земјите-членки значително да ги зголемат трошоците за одбрана без да се активираат правилата за казнување, чија цел е да се спречи зголемување на дефицитот.
Според Фон дер Лајен, воената опрема што треба да се подобри вклучува противвоздушна одбрана, артилериски системи, проектили, муниција и дронови, како и подготвеност за сајбернапади.
Ваков план ќе принуди многу членки на ЕУ да го зголемат буџетот за одбраната, кој сега е под 2% од бруто домашниот производ. Шефот на НАТО Марк Руте неодамна побара трошоците да се зголемат на повеќе од 3% што е можно побрзо.