Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека во наредните денови ќе бидат забранети сите нелегитимни протести, додека државата се обидува да се справи со граѓанските немири по најтешките улични насилства во изминатите години, кои избија на маргините на викенд-протестите за трошоците за живот.
По состанокот со разузнавачките служби и високи министри, францускиот претседател рече дека ќе им се дозволи одржување само на собирите што ги организираат признати групи, иако нивните маршрути може да претрпат измени.
Барањата за протести поднесени од поединци или групи без легитимен авторитет ќе бидат одбиени. Барањата од организациите како што се синдикатите ќе се разгледуваат согласно законот, но тие можеби ќе мора да користат алтернативни патеки.
Макрон кажа дека ваквите мерки се неопходни за да се заштитат градските јадра, деловните објекти и јавните згради, дополнувајќи дека правилата се едноставни и претставуваат здрав разум. Општата препорака на властите е во следните денови воопшто да нема демонстрации.
Тој вели дека голем дел од немирите и грабежи минатиот викенд биле предизвикани од лица дојдени исклучиво со намера да ограбуваат, но најлошото насилство го припиша на политички и бунтовнички дејствија на екстремно левичарски групи со цел уривање на републиката. Како приоритет го наведе враќањето на мирот и најави дека во петок ќе претседава со состанок на советот за одбрана со клучните министри за да утврдат конкретни чекори за новите протести најавени за сабота и понатаму.
Судот ја поништи првичната полициска забрана за студентскиот протест во Париз, но маршевите закажани за истиот ден во неколку други градови беа прекинати.
Властите веќе воведоа целосна забрана за протести во сабота во центарот на Лион, каде минатиот викенд беа демолирани и ограбени меѓу 200 и 300 продавници и беше запалено туристичкото биро. Слични забрани за сабота најавија и властите во Марсеј, Ница и Тулон.
Во Париз е одобрен маршот планиран за сабота во источниот дел на градот со почеток од плоштадот Бастилја, но му е забрането движење кон градското подрачје во центарот. Одделниот марш низ француската престолнина што за сабота го најавија студентите и членови на движењето „жолти елеци“ нема да биде дозволен.



