Франција ќе го забрани пушењето на сите надворешни простори каде што често има деца, објави министерката за здравство и семејство Кетрин Вотран. Забраната ќе стапи во сила на 1 јули и ќе важи за плажите, парковите, јавните градини, автобуските станици, спортските терени и околината на училиштата.
„Цигарите мора да исчезнат таму каде што има деца. Слободата за пушење мора да запре таму каде што почнува слободата на децата да дишат чист воздух“, изјави Вотран.
Исклучок од забраната ќе бидат терасите на кафулињата и рестораните. Исто така, таа нема да се однесува на електронските цигари.
Вотран кажа дека кршењето на забраната ќе се казнува со 135 евра.
„Обичната полиција ќе се грижи за спроведувањето на забраната, но имам голема верба во саморегулација“, рече таа.
Според официјални податоци, 23,1% од француското население пуши секојдневно, што е најниската стапка досега забележана. Пушењето во рестораните и ноќните клубови е забрането од 2008 година.