Горниот дом на францускиот парламент со големо мнозинство го изгласа вградувањето на правото на абортус во уставот. Предлогот, кој претходно помина и во Националното собрание, беше поддржан од 267 членови на Сенатот, а само 50 беа против.
Абортусот е легален во Франција од 1974 година, но сега таа е на прагот да стане првата земја на светот во која ова право ќе биде уставно. Претседателот Емануел Макрон свика заедничка седница на двата дома на парламентот, која ќе се одржи в понеделник во Версај. Ако уставниот амандман биде поддржан со најмалку трипетинско мнозинство, тогаш ќе нема потреба од свикување референдум.
Во една анкета од ноември 2022, 86% од Французите го поддржаа менувањето на уставот за да се вклучи правото на абортус. Ниедна француска политичка партија не се противи на ова право, но во 2022 беше изменет речникот што се користи во амандманот, па место зборот „право“ беше усвоен терминот „загарантирана слобода“.
Дебатите за абортусот се вжештија во САД откако тамошниот Врховен суд го укина правото на предвремен прекин на бременоста во јуни 2023, по што 21 од 50 сојузни држави воведоа целосна или делумна забрана на абортус. Во Европа, речиси целосна забрана на абортус постои во Полска од 2020.