ГАРИ КАСПАРОВ ВЕЛИ ДЕКА САД И ЛИТВАНИЈА ГО ПРЕДУПРЕДИЛЕ ДЕКА ЖИВОТОТ МУ Е ВО ОПАСНОСТ

    ГАРИ КАСПАРОВ ВЕЛИ ДЕКА САД И ЛИТВАНИЈА ГО ПРЕДУПРЕДИЛЕ ДЕКА ЖИВОТОТ МУ Е ВО ОПАСНОСТКаспаров се повлече од шахот во 2005 за да се фокусира на политички активизам и живее во егзил во Њујорк (Фото: АП)

    Критичарот на Кремљ и шаховска легенда Гари Каспаров изјави дека американските и литванските безбедносни служби го предупредиле дека животот му е во опасност и го повикале да преземе безбедносни мерки на претпазливост. Покрај Каспаров, мета биле и други опозициски личности, како Иља Пономарјов и Иван Тјутрин.

    „Веста дека јас и мојот долгогодишен соработник и коосновач на форумот ‘Слободна Русија‘, Иван Тјутрин, сме на списокот на мети за атентат не ми беше изненадување, но, сепак, е шок. Литванските и американските безбедносни служби нè информираа дека нашите животи се во опасност и дека треба да преземеме мерки на претпазливост, што и го правиме“, рече Каспаров, кој живее во егзил во САД.

    Тјутрин, кој живее во Вилнус, изјави дека литванските власти пред две недели го предупредиле итно да го напушти својот дом и да се ослободи од својот автомобил.

    Предупредувањата дојдоа откако министерството за правда на САД кон средината на септември обвини петмина наводни агенти на руското разузнавање за заговор за извршување напади и убиства низ целиот свет, вклучително и во САД. Групата ова лето се обидела да убие истакнат руски дисидент кој живее во САД во замена за околу 40.000 долари, соопшти министерството. Еден од обвинетите е офицер на руската безбедносна служба ФСБ.

    Шпанскиот весник „Ел Мундо“ објави, повикувајќи се на извори блиски до Каспаров, дека руски агенти планирале да ги убијат него и поранешниот руски пратеник, а сега критичар, Иља Пономарјов.

    „Ниту на Иван, ниту на мене не ни беше експлицитно кажано дека ние сме лицата чии имиња се скриени во обвинението против обвинетите за заговор за атентат“, рече Каспаров.

    Каспаров се повлече од шахот во 2005 за да се фокусира на политички активизам и живее во егзил во Њујорк повеќе од една деценија. Откако Русија го анектираше Крим, Каспаров и Тјутрин во 2016 година го основаа форумот „Слободна Русија“, кој се залага за поддршка на украинската војска и организира антивоени конференции.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира