ГАЗА ЌЕ ЗАЛИЧИ НА ДУБАИ И СИНГАПУР ПО ОБНОВАТА, СПОРЕД ОБЈАВЕНИОТ АМЕРИКАНСКИ ПЛАН

    ГАЗА ЌЕ ЗАЛИЧИ НА ДУБАИ И СИНГАПУР ПО ОБНОВАТА, СПОРЕД ОБЈАВЕНИОТ АМЕРИКАНСКИ ПЛАНКартата на американскиот „мастер план“ содржи зона за крајбрежен туризам, каде што ќе има 180 висококатници (Фото: Гети)

    САД ги објавија плановите за „Нова Газа“, според кои уништената палестинска територија ќе биде обновена и целосно трансформирана и ќе заличи на Дубаи и Сингапур. Снимките прикажани на Светскиот економски форум во Давос покажаа десетици облакодери долж медитеранскиот брег, станбени населби во областа на Рафа и мапа со станбени, земјоделски и индустриски области за населението од 2,1 милион луѓе.

    „Ќе бидеме многу успешни во Газа. Ќе биде одлично за гледање“, кажа Доналд Трамп.

    Неговиот зет Џаред Кушнер рече дека врз Газа биле фрлени 90.000 тони муниција и дека треба да се расчистат 60 милиони тони отпад.

    „На почетокот се игравме со идејата да изградиме слободна зона и да имаме зона на Хамас. Потоа рековме: ‘Ајде само да планираме катастрофален успех‘. Хамас потпиша договор за демилитаризација и тоа е она што ќе го спроведеме. Луѓето нè прашуваат кој е нашиот план Б. Ние немаме план Б“, рече Кушнер.

    Картата на американскиот „мастер план“ содржи зона за крајбрежен туризам, каде што ќе има 180 висококатници и голем број зони за станбени области, индустриски комплекс, центри за податоци, напредно производство, паркови, земјоделство и спортски објекти. Ново пристаниште и нов аеродром ќе бидат изградени во близина на египетската граница, а ќе има и трилатерален премин, каде што се спојуваат египетската и израелската граница.

    Реконструкцијата ќе биде поделена во четири фази, почнувајќи од Рафа, па постепено ќе се движи на север кон градот Газа.

    На картата има и празен појас земја, што се протега по должината на египетската и израелската граница. Според мировниот план на Трамп, тоа е „безбедносен периметар каде што израелските сили ќе останат додека Газа не биде безбедна“.

    Презентацијата вклучи и приказ на „Нова Рафа“, која ќе има повеќе од 100.000 станбени единици, 200 образовни центри и 75 медицински установи.

    Кушнер кажа дека во наредните недели ќе се одржи конференција во Вашингтон, каде што ќе бидат објавени придонесите од земјите и ќе бидат истакнати „неверојатни инвестициски можности“ за приватниот сектор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира