Триесет и петгодишен Германец е осуден на две години и осум месеци затвор за создавање и продажба на екстремно десничарска рок музика која велича насилство.
„Кога ја слушате, навистина ве остава без зборови“, кажа за содржината на снимките претседателот на судот во градот Линебург, Михаел Херман.
Тој е осуден за поттикнување омраза, употреба на симболи на неуставни организации и за прикажување насилство. Судот заклучи дека тој правел и продавал снимки со содржина што поттикнува омраза. Обвинетиот, кој претходно поминал 16 месеци во истражен притвор, призна дел од наводите на судењето.
Јавното обвинителство во градот Целе побарало затворска казна од три години и осум месеци за 35-годишникот, кој и порано бил осудуван.
Покрај него, им се судеше на уште четири лица кои учествувале во правењето и дистрибуцијата на спорните снимки. Двајца од нив добија условни казни.