Германската влада сака да ги промени правилата на Европската унија за да се дозволи виното без алкохол да биде означени како органско, соопшти Министерството за земјоделство.
„Кој сака да пие вино без алкохол, треба да го има и со органски квалитет“, соопшти германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир.
Според сегашните правила на ЕУ, процесот на отстранување алкохол предизвикува инаку органското вино да го изгуби својот сертифициран статус, бидејќи тој процес не е на белата листа на одобрени методи за производство на органско вино. Затоа, Берлин сака да го измени анексот на регулативата на ЕУ за органско производство и означување на органски производи.
„Со поддршка на другите земји-членки, Германија поднесе барање во Брисел за според законот на ЕУ да биде одобрена деалкохолизацијата на органското вино“, се вели во соопштението на Министерството.
Во соопштението се вели дека Европската комисија – единственото тело на ЕУ што може формално да предложи нови закони на ЕУ – свика независна група експерти за органско производство за да го разгледаат отстранувањето на алкохолот со вакуумска дестилација. Според соопштението, комисијата ветила дека „навремено ќе поднесе нацрт-регулатива за вклучување на вакуумска дестилација“ ако експертската група даде позитивна оценка за методот. Соопштението на Министерството беше објавено во пресрет на посетата на Оздемир на саемот за вино ЕУРОВИНО, кој денеска и утре се одржува во Карлсруе, југозападна Германија.