ГЕРМАНИЈА ИМ ОБЕЗБЕДУВА СТРУЧНА ОБУКА НА МИГРАНТИТЕ И ДОБИВА МЛАДИ КВАЛИФИКУВАНИ РАБОТНИЦИ ЗА СВОЈАТА ЕКОНОМИЈА

    ГЕРМАНИЈА ИМ ОБЕЗБЕДУВА СТРУЧНА ОБУКА НА МИГРАНТИТЕ И ДОБИВА МЛАДИ КВАЛИФИКУВАНИ РАБОТНИЦИ ЗА СВОЈАТА ЕКОНОМИЈАОткако пред четири години Германија ги отвори вратите за мигранти, повеќе од 400.000 од нив почнале да работат или да одат на тренинг-програми (Фото: Гети)

    Во родната Сирија, Мохамед Касим работел како електричар, но кога дошол во Германија како мигрант, тој морал да се дообучува за да го работи тоа. Иако приправник, тој прима и плата од компанијата од која има добиено ветување дека ќе биде и вработен откако ќе заврши со обуката.

    Програмата која им помогна на илјадници мигранти повторно да ги изградат своите животи не е нова, но во услови кога стапката на невработеност во земјата е на најниско ниво во последните 30 години, младите Германци немаат интерес за стручно дообучување, а со тоа и во компаниите се појави недостиг од вешт кадар.

    „Немаме никаква причина да не ги мотивираме бегалците да одат на стручна обука. На германската економија ѝ требаат квалификувани работници“, вели економистот Гинтер Хирт.

    Откако пред четири години канцеларката Меркел ги отвори вратите на Германија за мигранти, повеќе од 400.000 од нив почнале да работат или да одат на тренинг-програми. Од нив, според германските бизнис групи, 44.000 се примени како приправници.

    „Имаме добар модел како да го развиеме ова и по три и пол години сме на добар пат. Како пример ја земавме интеграцијата на бегалците од Југославија од 1990-ите, од кои 80% од работоспособните имаа работа по осум години“, додаде Хирт.

    Германија има корист и од демографскиот профил на дојденците, бидејќи 60% од нив се помлади од 25 години.

    „Не бегаа стари, туку млади луѓе и тоа е одлично за нас. Ако Германците сакаат да ја одржат својата економска благосостојба, ќе ни требаат половина милион мигранти секоја година“, вели Хирт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира