Германски медицински авион тргна за сибирскиот град Омск за да го однесе рускиот опозиционер Алексеј Навални на лекување во Берлин. Навални (44) од вчера е во кома и приклучен на респиратор во болницата во Омск и се верува дека бил отруен на аеродромот во Томск.
Сепак, главниот лекар од болницата во Омск вели дека Навални не е во состојба за патување, зашто неговата состојба е премногу лоша. Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека ова е директна закана по неговиот живот.
Иако Навални важи за најголем критичар на Путин, Кремљ вчера му посака брзо заздравување и кажа дека ќе помогне да биде превезен во странство на лекување ако тоа биде побарано. Освен Германија, и Франција се понуди да му обезбеди лекување на Навални.
Според Јармиш, тој најверојатно испил нешто од чајот што му бил послужен во аеродромското кафуле пред да се качи на авион за Москва.
„За време на летот, тој почна да се поти и бараше од мене да му зборувам за да остане фокусиран. Потоа отиде во тоалетот и таму се онесвести“, изјави Јармиш.