Германија ќе запре со испораките на воена опрема во Израел што би можела да се употреби во Газа, објави денеска канцеларот Фридрих Мерц, реагирајќи на израелскиот план за заземање на палестинската енклава. Ова претставува значајна промена во курсот на Германија, која досега беше еден од најголемите поддржувачи на Израел.
Мерц рече дека е тешко да се разбере како израелскиот воен план ќе помогне во остварувањето на легитимните цели за разоружување на Хамас и ослободување на заложниците.
„Под овие околности германската влада нема да одобри никаков извоз на воена опрема што би можела да се користи во Појасот Газа до понатамошно известување. Со планираната офанзива, израелската влада има уште поголема одговорност да обезбеди помош за цивилите во Газа“, кажа Мерц.
Ова следува откако израелскиот безбедносен кабинет ноќеска одобри план за преземање контрола врз градот Газа и за проширување на воените операции, дополнително ескалирајќи ја ситуацијата во енклавата која е на раб на глад.
Германија претходно не се придружи на заедничката изјава на речиси 30 западни земји, вклучувајќи ги Велика Британија и Франција, со која се повикува Израел што поскоро да ги запре борбите.
На 1 август, Словенија стана првата членка на ЕУ која ги забрани увозот, извозот и транзитот на оружје до и од Израел.