Германија го регистрираше најголемиот просек на бројот на новозаразени со коронавирусот од почетокот на пандемијата, 201,1 случај на 100.000 жители, објави институтот за заразни болести „Роберт Кох“. Во претходните две недели, инциденцата изнесуваше 154,5, односно 130,2 нови случаи на зараза.
Претходниот рекорд датира од 22 декември 2020, на врвот на вториот бран на пандемијата, кога седумдневниот просек беше 197,6 новозаразени.
Според експертите, за разлика од тогаш, голем број Германци сега се вакцинирани, 67% со две дози, и затоа не се очекува голем притисок врз здравствениот систем зашто вакцините даваат добра заштита од сериозна форма на ковид-19. Во изминатите седум дена, просекот е помалку од четворица хоспитализирани на 100.000 жители.
Сепак, медиумите пренесуваат дека невакцинираните ќе се соочат со нови рестрикции во делови од земјата, како сојузната покраина Саксонија, каде што седумдневниот просек е најголем, 491,3 новозаразени на 100.000 жители. Саксонија исто така има најниска стапка на вакцинирање од 57,1%.