Ангела Меркел денеска ќе побара од премиерите на 16-те сојузни држави да се согласат со затворањето на рестораните и баровите, додека Германија бележи нов рекорд на бројот на нови случаи на коронавирус.
Според институтот „Роберт Кох“, во Германија во изминатите 24 часа се потврдени 14.964 нови случаи на зараза, а уште 85 лица починале од ковид-19.
Според новите рестрикции, кои би стапиле на сила на 4 ноември, луѓето ќе смеат да бидат надвор само со членови на своето домаќинство и ќе има казни ако се прекрши ова правило, иако во нацрт-резолуцијата не се наведува какви.
„Експоненцијалниот раст на бројот на заразени во речиси сите региони во Германија значи дека локалните здравствени власти веќе не можат да ги откриваат и следат сите извори на зараза, па е неопходно сега значително да се редуцираат контактите помеѓу луѓето, за да не продолжат рестрикциите сѐ до Божиќ“, велат од владата.
Ако регионалните премиери се согласат со Меркел на денешната телефонска конференција, ќе се затворат и сите теретани, базени, дискотеки, кина, театри, оперски куќи, концертни сали и бордели. Овие мерки би биле на сила до крајот на ноември.