ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВЛЕЗЕ ВО РЕЦЕСИЈА, ГЕРМАНЦИТЕ ПОМАЛКУ ТРОШАТ ПОРАДИ ВИСОКАТА ИНФЛАЦИЈА

    ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВЛЕЗЕ ВО РЕЦЕСИЈА, ГЕРМАНЦИТЕ ПОМАЛКУ ТРОШАТ ПОРАДИ ВИСОКАТА ИНФЛАЦИЈАЛичната потрошувачка не успеа да биде поддршка на економијата поради високата инфлација. (Фото: ДПА)

    Германската економија падна во рецесија за време на зимата, соопшти Сојузниот завод за статистика (Дестатис), објавувајќи ги резултатите од првиот квартал годинава. Бруто домашниот производ (БДП) се намали за 0,3 отсто во првите три месеци од 2023 година, споредено со претходното тримесечје.

    „Откако БДП веќе навлезе во негативна територија на крајот од 2022 година, германската економија сега има две негативни тримесечја по ред“, кажа претседателот на Дестатис Рут Бранд.

    Ако економската активност се намали во два последователни квартали, економистите тоа го нарекуваат техничка рецесија. Тоа сепак не значи дека целата година е негативна, иако дел од економистите не ја исклучуваат таа можност.

    Благодарение на благата зима во Германија, најлошите сценарија не се остварија, бидејќи немаше недостиг на гас, што ќе имаше големо влијание на економијата. Сепак, големите покачувања на цената на енергенсите негативно се одразија на економијата, според главниот економист на „Комерцбанк“ Јерг Крамер.

    Личната потрошувачка не успеа да биде поддршка на економијата поради високата инфлација. Новите податоци покажуваат дека граѓаните потрошиле помалку на храна и пијалоци, како и на облека, чевли и мебел во првите три месеци од 2023 година, споредено со претходните три месеци.

    „Кога сè станува поскапо, луѓето почнуваат да штедат“, вели Томас Гицел, главен економист на банката ВП.

    Дополнително, луѓето купиле помалку нови автомобили, посебно откако владата ги укина субвенциите за плагин хибриди. Намалена беше и помошта за купување електрични автомобили.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира