ГЕРМАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА БАРА ОД ШОЛЦ ВЕДНАШ ДА СВИКА ГЛАСАЊЕ ЗА ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА

    ГЕРМАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА БАРА ОД ШОЛЦ ВЕДНАШ ДА СВИКА ГЛАСАЊЕ ЗА ДОВЕРБА НА ВЛАДАТАШолц објави дека на 15 јануари ќе се гласа за доверба на владата во парламентот, што најверојатно ќе го изгуби (Фото: АП)

    Германската опозиција го повика канцеларот Олаф Шолц веднаш да свика гласање за доверба на владата со цел да се одржат предвремени избори во јануари, откако владејачката коалиција се најде во голема криза.

    Таа практички се распадна синоќа откако Шолц го смени министерот за финансии Кристијан Линднер поради спорот околу тоа како да се пополни дупката во буџетот од неколку милијарди долари и да се оживее најголемата економија во Европа. Поради ова, Германија би можела да ја заврши втората година по ред без економски раст.

    Шолц кажа дека го сменил Линднер, кој е лидер на коалицискиот партнер Слободни демократи (ФДП), зашто веќе немал доверба во него. Линднер се спротивставил на неговиот план повторно да го суспендира балансирањето на буџетот со цел да се соберат повеќе средства за Украина и економијата.

    Поради повлекувањето на ФДП, во владата останаа само Социјалдемократите на Шолц и Партијата на зелените. Шолц објави дека на 15 јануари ќе се гласа за доверба на владата во парламентот, што најверојатно ќе го изгуби, што би водело кон предвремени избори во март, шест месеци пред редовниот термин.

    Фридрих Мерц, лидерот на конзервативците кои водат во националните анкети, смета дека јануари е предоцна и побара оваа или следната недела да се гласа за доверба на владата.

    „На тој начин, изборите би се одржале во втората половина на јануари. Не можеме да си дозволиме да имаме малцинска влада уште неколку месеци, следено од долга предизборна кампања и неколку недели преговори за формирање коалиција“, кажа Мерц.

    Тој рече дека денеска ќе се сретне со Шолц и ќе се обиде да го наговори да забрза со гласањето за доверба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира