ГЕРМАНСКИОТ КАНЦЕЛАР МЕРЦ ПРИЗНА ДЕКА ЕВРОПА ЖИВЕЕЛА НА СМЕТКА НА САД ЗА ОДБРАНАТА

    ГЕРМАНСКИОТ КАНЦЕЛАР МЕРЦ ПРИЗНА ДЕКА ЕВРОПА ЖИВЕЕЛА НА СМЕТКА НА САД ЗА ОДБРАНАТАКанцеларот Мерц кажа дека досега трипати се сретнал со американскиот претседател Доналд Трамп и дека имаат добри односи. (Фото: ДПА)

    Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги прифати обвинувањата од САД дека Европа во минатото не инвестирала доволно во сопствената одбрана и безбедност, признавајќи дека се „возеле за беспари“. Сепак, тој сега верува дека двете страни се на иста линија.

    „Знаеме дека мораме повеќе да правиме сами и дека во минатото се возевме за беспари. Тие бараат од нас да направиме повеќе и ние го правиме тоа“, изјави Мерц во интервју за „Би-Би-Си“.

    Мерц престојуваше во Велика Британија за да ги зацврсти одбранбените врски со Германија, како дел од историскиот договор за пријателство кој, исто така, има за цел справување со илегалната миграција и промовирање на младинска размена.

    Во своето прво интервју за британски медиум како канцелар, Мерц кажа дека досега трипати се сретнал со американскиот претседател Доналд Трамп и дека имаат добри односи.

    „Мислам дека претседателот Трамп е на иста страна, се обидуваме да ставиме крај на оваа војна. Се слушаме телефонски еднаш неделно, ги координираме нашите напори. Едното прашање е војната во Украина, а второто се нашите трговски дебати и царините“, рече Мерц.

    Коментарите на канцеларот следуваат по острите критики упатени од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, кој ги обвини европските сојузници дека не ги исполнуваат своите обврски. Мерц изјави дека неговата влада „мораше да извлече поуки од тоа“, додавајќи дека пораката била примена јасно и гласно.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира