Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл повика на преземање итни чекори за решавање на претстојниот недостиг на керозин во Европа и побара од коалициската влада да го забрза преминот од фосилни горива кон обновливи извори на енергија поради војната во Иран.
Клингбајл вели дека предупредувањата за недостиг на гориво за авиони мора да се сфатат многу сериозно. Тој вели дека е неопходно постојано да се има предвид сигурноста на снабдувањето, а не само да се решава проблемот со високите цени.
Меѓународната агенција за енергетика предупреди дека неколку европски земји би можеле да се соочат со недостиг на керозин во следните шест недели. Германската министерка за економија Катерина Рајхе вели дека Германија не зависи единствено од увоз, бидејќи керозинот се произведува и во домашните рафинерии. Сепак, според германското здружение за воздушен транспорт, ситуацијата на енергетските пазари ќе се стабилизира бавно, дури и ако војната заврши набрзо.
Цените на керозинот се зголемија за повеќе од двојно од почетокот на војната во Иран на 28 февруари. Голем дел од горивото се увезува од Блискиот Исток, каде што многу нафтени постројки во кризниот регион се оштетени или уништени.
Клингбајл смета дека ефектите од војната би можеле да бидат долготрајни и ја спореди сегашната ситуација со енергетската криза по руската инвазија на Украина. Тој побара од коалициските партнери реформи во енергетската политика со цел државата да стане поотпорна и помалку зависна од увоз на фосилни горива. Според него, приоритет треба да биде понатамошното забрзување на ширењето на обновливите извори на енергија и на енергетската мрежа.



